Jumpstarter 2025: Интервју со Елена Петковска ко-основач на Omnilyst

March 14, 2025

EIT Jumpstarter е програма на Европскиот институт за иновации и технологија (EIT), која ги поддржува студентите, истражувачите и претприемачите во процесот на трансформирање на нивните иновативни идеи во успешни бизниси. Во пресрет на актуелното отворање на пријавувањето за оваа година, разговаравме со Елена Петковска, ко-основач на македонскиот стартап Omnilyst, кој беше единствениот стартап од Македонија што се пласираше во финалето на минатогодишната програма и го презентираше својот стартап во Будимпешта.

Елена е професионалец во областа на продукт дизајн и UX/UI, сертифицирана од Google, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а исто така е активна членка на Women in Tech® Macedonia и ментор на проекти на интернационални учесници при UWC SC.

 

Што ве натера да се пријавите на Jumpstarter?

Одлуката да се пријавиме, како што можностите честопати се појавуваат, се случи неочекувано и во последен момент. EIT Jumpstarter беше првата пред-акцелераторска програма на која што учествувавме и истата беше од огромно значење за почетниот, како и понатамошниот развој на Omnilyst.
Голема е тенденцијата на стартапите кои што се во почетна фаза да започнат само локално, избегнувајќи ја можноста да се појават на поширок пазар уште од почеток, мислејќи дека не се доволно спремни. За жал, истото погрешно мислење го имавме и ние на почетокот.
Меѓутоа, токму ова беше најклучната одлука која ја донесовме и резултираше со побрз напредок и видливи резултати – почнувањето пред да се биде спремен; и затоа, истово би го предложила и на сите кои можеби се двоумат околу оваа одлука.
Во случајов, најголемата предност на пред-акцелераторската програма на EIT Jumpstarter е тоа што стартапите ја добиваат можноста за изложеност на Европско ниво уште во почетната фаза, со што уште веднаш се чекор понапред.

Кои се придобивките за вашиот стартап Omnilyst од програмата Jumpstarter?

Како стартапи, започнуваме од нула, овде впрочем, ја гледам и убавината и највредната страна на стартапите. Меѓутоа, истото значи и дека кога нешто се гради од нула, она што недостасува е кредибилитет, кој е од суштинска важност во почетните фази, бидејќи истиот е првиот чеекор кон градењето доверба.
Сè уште бевме во раните фази на развој на Omnilyst и бевме свесни дека за издвојување на преполн пазар ќе биде потребно повеќе од само одличен производ. Да се ​​биде финалист на EIT Jumpstarter ни го обезбеди признанието што ни требаше и веднаш го зголеми кредибилитетот на брендот на Omnilyst, кое што понатаму, дефинитвно го олеснува градењето односи со партнери, инвеститори и клиенти.
Ваквата можност за нашиот стартап и изложеноста на европско ниво уште во почетните фази на Omnilyst ни отвори многу врати и можности, за кои инаку, би ни било потребно многу повеќе време.
Една од најголемите придобивки која ја доби Omnilyst преку EIT Jumpstarter беше пристапот до голема европска мрежа. Програмата нудеше уникатна шанса да се запознаеме со ментори, стручњаци и претприемачи од цела Европа, што ни овозможи да добиеме важни контакти и перспективи, а интеракцијата со нив, ни помогна многу во тоа работите да ги видиме од еден поинаков агол.
Покрај претходно споменатото, станува збор за програма од половина година и ова значи дека најголемата придобивка всушност, беше искуството кое го добивме во текот на овој прилично долг временски период.
Преку онлајн и тренинзи во живо, работевме на креирање на бизнис план и стратегија, дефинирање на пазарот и сегментација на пазарот, понуда за вредност за клиентите, финансиско планирање, идентификација и зајакнување на компетитивната предност и презентации пред првите потенцијални клиенти.
Пристапот до редовните персонализирани менторски сесии особено ни помогнаа и ни потврдија дека напредуваме во вистинската насока.

Зошто би им препорачале на оние кои имаат бизнис идеја да се пријават на Jumpstarter?

За нас, како единствен македонски стартап кој стигна до финалето во 2024 година и имавме можност да го преставиме Omnilyst во Будимпешта, одговорноста беше голема.
Земајќи предвид дека минатата година имаа аплицирано повеќе од 600 стартапи, ова е потврда дека EIT Jumpstarter програмата одлично знае да ги препознае стартапите со најголем потенцијал.
Ова го споменувам со цел да нагласам дека секој добива подеднаква шанса. Потребна е само иновативна идеја која решава реален проблем, а понатаму сè зависи од истрајноста, упорноста и способноста да се прилагодуваме на промените и предизвиците.