Недела на заедницата на Европскиот институт за иновации и технологии и „EU Innovation Journey 2025“ конференција, Варшава, Полска
May 16, 2025
Оваа недела (12015 мај) во Варшава, се одржа конференцијата „EU Innovation Journey 2025 “, во организација на Националниот центар за истражување и развој на Полска (National Centre for Research and Development).
Оваа конференција се одржа како дел од Неделата на заедницата на Европскиот Институт за иновации и технологии , на која учествуваа координаторите на заедниците на ЕИТ меѓу кои беше и Александар Стамболиев, координаторот на Заедницата на ЕИТ во Р.С. Македонија. Тој присуствуваше на продуктивен интерен состанок со претставниците на EIT Food Hub и членовите на Советот за политика на EIT Food RIS, а дискусиите се фокусираа на тоа како можеме да продолжиме да иновираме, соработуваме и да поттикнуваме промени во прехранбениот сектор во Европа.
Претставниците учествуваа и на неколку панел дискусии: Конкурентност и механизми за прилагодена поддршка за земјите од Централна и Источна Европа и земјите во проширување, Финансирање на инвестициски јаз во иновациите со длабок технолошки развој, Како да се привлече ризичен капитал во земјите од Централна и Источна Европа, забрзување на иновациите, претворање на потенцијалот на Централна и Источна Европа во глобален успех и дискусија за наменски инструменти за поттикнување на растот на регионалните иновации“.

Дводневната конференција „EU Innovation Journey 2025“ ги собра лидерите во областа на deep-tech, креаторите на политики и клучните играчи во иновативниот екосистем за да разговараат за предизвиците и можностите со кои се соочуваат земјите од Централна и Источна Европа.
Учесниците имаа можност да научат за најдобрите практики, да разменат искуства и да дискутираат за нови можности за соработка за премостување на иновативниот јаз помеѓу регионот и остатокот од Европа.
Програмата на конференцијата се одвиваше на три бини и тоа:
– Главната бина – каде имаше клучни говори и панел дискусии
– Бината за можности и потенцијал – место каде присустните можеа да се запознаат со нови проекти и каде беше претставувањето на стартапи.
– Бината за предизвици – каде беа поканети учесниците на интерактивни дебати за клучни теми за иновацискиот екосистем.
За време на конференцијата EU Innovation Journey ’25 имаше изложба и простор за мрежно поврзување каде инвеститорите, стартапите и бизнис лидерите можеа да остварат битни контакти.
За време на конференцијата беше свечено отворена и Заедницата на ЕИТ во Полска, што е можност за тамошните претприемачи, истражувачи и студенти да имаат полесен пристап до можностите за образование, претприемништво и иновации поддржани од Европскиот Институт за иновации и технологии




